Пожарникарите во Хонг Конг се уште се борат со пожарот кој избувна во магацин, поради што се евакуирани 3.400 луѓе, соопшти денеска полицијата.
Противпожарните екипи се на местото на пожарот и ги евакуираа околните згради, вклучително и училиштата, а засега нема пријавени жртви, пренесува Ројтерс.
На две лица кои работеле во близина на локацијата каде избувнал пожарот им се слошило откако вдишале чад, а луѓето од четири училишта и една станбена зграда во близина морале да бидат евакуирани, соопшти полицијата, а пренесе АП.
Владата отвори привремено засолниште во спортскиот центар за евакуирање и ги советува граѓаните да ги затворат вратите и прозорците.
Пожарот избувнал околу 14 часот по локално време во магацин во станбена и индустриска зона во Коулун, соопшти владата.
Официјалните лица го класифицираа инцидентот како пожар од трет степен на скала од пет нивоа. Засега не е познато што го предизвикало пожарот.