Стотици илјади Израелци излегоа на улиците на градовите ширум земјата во неделата за да протестираат против одлуката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го отпушти министерот за одбрана Јоав Галант, кој ја повика владата да го запре контроверзниот план за реформи во судството.
Демонстрантите го блокираа главниот автопат во Тел Авив и запалија голем оган на средината на автопатот.
Полицијата употреби водени топови против демонстрантите, кои се собраа пред резиденцијата на Нетанјаху во Ерусалим.
Демонстрантите го пробија безбедносниот кордон пред резиденцијата на Нетанјаху во Ерусалим. учесниците на протестот одат од резиденцијата на Нетанјаху до Кнесетот и до кабинетот на премиерот.
Израелскиот Канал 12 објави, повикувајќи се на непотврдени податоци, дека меѓу 600.000 и 700.000 Израелци учествувале во протестите низ целата земја.
Израелскиот претседател Исак Херцог денеска ја повика владејачката коалиција веднаш да се откаже од законот за реформи во правосудството, по големите протести во таа земја, објави „Џерусалим пост“.
– Синоќа видовме многу тешки сцени. Им се обраќам на премиерот, на владата и на владејачката коалиција: емоциите се тешки и болни, народот е многу вознемирен. Безбедноста, економијата, општеството – се е загрозено. Очите на народот на Израел се вперени кон вас. Заради единство на народот, заради одговорност, ве повикувам веднаш да го прекинете носењето на законот – рече Херцог.
– Апелирам до сите партиски лидери во Кнесетот, во владејачката коалиција, опозицијата, да ги стават граѓаните на прво место и да дејствуваат одговорно и храбро, без натамошно одлагање – рече претседателот на Израел.
Нетанјаху, кому му се суди за корупција, тврди дека неговиот план за реформирање на судството ќе ја унапреди демократијата.
Во Израел со месеци се одржуваат граѓански протести против најавената реформа.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху во текот на денот ќе и се обрати на јавноста.
Тајмс оф Израел објави дека воените лидери ќе се сретнат денеска за да разговараат за случувањата, откако Нетанјаху во неделата вечерта го отпушти министерот за одбрана Јоав Галант.