Одлуката на Владимир Путин да ја нападне Украина во раните утрински часови доведе до драстичен скок на цената на нафтата на светскиот пазар, додека вредноста на руската рубља падна.
Цените на нафтата скокнаа за повеќе од 100 долари за барел за прв пат од 2014 година, европските фјучерси за природен гас скокнаа за 31 отсто, а азиските берзи паднаа бидејќи Русија започна напад врз Украина.
Вредноста на руската рубља падна за 10% откако Путин најави почеток на воена акција во Украина. Ова е најниското ниво на рубљата што било забележано.
Московската и Санкт Петербуршката берза најавија дека ќе го прекинат тргувањето со акциите на нивните платформи на неодредено време.
„Тргувањето на сите пазари е прекинато. Продолжението ќе биде објавено подоцна“, се вели во соопштението на Московската берза. Во исто време во Украина е прекината трговијата со хартии од вредност, а светските претставници најавуваат дополнителни санкции против Русија.