Денеска е 44-от ден од војната во Украина.
Гувернерот на регионот Суми, Дмитро Живицки, во објава на Фејсбук изјави дека повеќе нема руски сили во регионот, но дека се уште се слушаат експлозии, бидејќи, како што вели гувернерот, спасувачите уништуваат муниција оставена од руската армија.
„Областа е ослободена од орки, па ако слушнете експлозии, тие се спасувачи и експлозиви. Ја неутрализираат муницијата што руската армија ја остави на нашата земја. Не е безбедно. Има многу минирани и неистражени области. Знам дека е ужасно, но сè уште не можеме да го исчистиме. Прво треба да деминираме се“, потенцира Живицки.
Британското Министерство за одбрана во најновиот извештај објави, руските сили целосно се повлекоа од северот на Украина.
Соединетите држави испорачаа повеќе од 12.000 противтенковски системи, 1.400 противвоздушни системи и неколку стотици беспилотни летала камикази во Украина, соопшти администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден.
Нови податоци од администрацијата беа објавени откако Соединетите Држави одобрија нова испорака на оружје за Украина во вредност од 100 милиони долари, објави Си-Ен-Ен.