Поранешниот британски премиер Борис Џонсон денеска стана нов колумнист на Дејли Меил и со тоа се врати на својата новинарска кариера.
Мејл објави дека Џонсон ќе пишува за весникот секоја сабота.
– Без разлика дали сте поддржувач на Борис или не, тоа ќе биде задолжително читање – и во Вестминстер и за милиони ширум светот – наведува весникот.
Се очекува враќањето на Џонсон во новинарството да биде профитабилно за Мејл, како и да му дозволи на поранешниот премиер да ги изрази своите ставови за актуелната британска влада, објави Ројтерс.
Откако поднесе оставка како премиер минатата година, Џонсон продолжи да заработува милиони фунти од говори.
Џонсон (58) поднесе оставка од функцијата пратеник минатата недела поради истрагата што го прогласи за виновен за намерно доведување во заблуда на парламентот во врска со организирање забави за време на карантинот на коронавирусот.
Парламентот во понеделник ќе одлучи дали ќе ги одобри наодите од истрагата.
Џонсон ја започна својата кариера во новинарството во Тајмс но беше отпуштен поради измислување цитати.
Кариерата ја продолжи во „Дејли телеграф“, каде што работеше како дописник од Брисел, а подоцна ја продолжи паралелната медиумска и политичка кариера како уредник на магазинот „Спектатор“ и како пратеник во парламентот, а пред да стане премиер пишуваше редовна колумна за Телеграф.