Летот со кој претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси пристигна во вторникот во Тајван, беше најследен во историјата на „Флајтрадар 24“, објави веб-страницата за следење летови.
„Во моментот кога слета во Тајпеј, (летот) SPAR19 го следеа повеќе од 708.000 луѓе ширум светот, што го прави најследен лет во реално време во историјата на „Flightradar 24““, се вели во соопштението.
По полетувањето од Куала Лумпур, воениот авион со кој патувала Пелоси бил следен од повеќе од 200.000 луѓе за време на неговиот лет над Индонезија и тој број „се зголемувал како што авионот се приближувал до Тајван“, според Флајтрадар.
Пелоси отпатува за Тајван во вторникот, и покрај силните предупредувања од Кина, што е прва посета на американски официјален претставник на островската држава во последните 25 години.
„Посетата на нашата конгресна делегација на Тајван е потврда на безусловната поддршка на Америка за енергичната демократија на Тајван“, рече Пелоси во изјавата веднаш по слетувањето.
Кинеското Министерство за надворешни работи го осуди „сериозното непочитување“ на американските обврски кон Кина, што ги „поткопува мирот и стабилноста“ во регионот.