Претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Калифа бин Зајед Ал Нахјан почина денеска, пренесува АФП.

„Изразуваме сочувство до народот на ОАЕ, арапските и исламските народи и светот за смртта на неговото височество Шеик Калифа бин Зајед Ал Нахјан, претседател на ОАЕ“, се вели во соопштението на властите на ОАЕ.

Шеикот Калифа бин Зајед Ал Нахјан почина на 73-годишна возраст, оставајќи зад себе богатство од 120 милијарди фунти. Тој го презеде претседателството со Обединетите Арапски Емирати по смртта на неговиот татко, шеикот Зајед бин Султан ал Нахјан, во 2004 година.

Долгогодишниот лидер на Абу Даби веќе неколку години се бори со болеста, јавуваат локалните медиуми.

Моќта на владејачкото семејство на Абу Даби доаѓа од нафтата и гасот. Абу Даби има најголеми резерви на нафта и гас во светот, а кога Дубаи се најде пред банкрот во 2009 година поради финансиската криза, Абу Даби го спаси со заем. Затоа највисоката зграда во светот, висока 828 метри, е наречена „Бурџ Шеик Калифа бин Зајед ал Нахјан“, во чест на шеикот Калифа.

Според уставот на ОАЕ, потпретседателот и премиер Шеик Мохамед бин Рашид ал Мактум ќе биде претседател додека не се состане федералниот совет составен од владетелите на седумте емирати во рок од 30 дена за да избере нов претседател.

By Author