Руски Гаспром ја извести Бугарија и Полска дека од среда ќе останат без руски гас бидејќи ја прекинува испораката преку гасоводот Џамал, потврди денеска полската компанија ПГНиГ, а полскиот премиер и министер за клима вечерва соопштија дека Полска е подготвена за тоа.
Веста за прекин на испорака на руски гас на Бугарија ја објави Франс прес, повикувајќи се на бугарското Министерство за енергетика. Булгаргаз денеска доби известување од Гаспром експорт дека испораките ќе бидат прекинати во среда.
Според владината портпаролка Лена Бориславова, премиерот и вицепремиерот се свесни за ситуацијата и нема причина за паника или грижа.
За такво сценарио се разговараше во февруари и ние сме подготвени да реагираме. Има договори за алтернативни испораки, се е обезбедено – потенцира Бориславова.
Министерот за енергетика Александар Николов повеќе детали ќе даде во среда.
„Подготвени сме за целосен прекин на испораките на руски суровини. Ова се однесува и на јагленот и на гасот од Русија. 86 отсто од капацитетот на нашите складишта за гас е моментално исполнет. Стратегиите за диверзификација што ги направивме ни овозможуваат да се чувствуваме безбедно, “ изјави министерот за клима на новинарите Ана Москва.
Премиерот Матеуш Моравјецки, кој престојува во Берлин, на прес-конференција рече дека Полска е свесна дека и снемува гас од Русија.
„Добивме закани од Русија, од Гаспром. Тие се поврзани со начинот на плаќање, Полска го почитува договорот, па Русија можеби ќе сака да не казни на овој начин. Полска веќе се подготви за диверзификација на испораките на гас. Ние сме во состојба да ѓи обезбедиме домаќинствата.“ рече премиерот Моравјецки.
Премиерот потсети дека Полска е поврзана со интерконектори со гасоводи во Германија и Чешка, а во Свинојшие има и терминал за гас за ЛНГ, кој може да прима поголеми количества течен гас.
Полската влада смета дека нема да има проблеми со снабдувањето со гас без рускиот преку гасоводот Џамал до есен, до кога треба да биде завршен и пуштен во употреба Балтичкиот гасовод од Норвешка.
Претходно Газпром објави дека не може да ја потврди информацијата дека испораката на гас за Полска е веќе прекината, изјави денеска на прес-конференција претставникот на руската компанија Сергеј Купријанов.
Сепак, тој истакна дека „Полска денеска има обврска да плати за испорачаниот гас во согласност со новата процедура за плаќање“, пренесе Тасс.