На 13.04.2021 на подрачјето на СВР Битола биле извршени контроли во сообраќајот, при што биле откриени и санкционирани 129 возачи кои ја пречекориле дозволената брзина, 11 возачи кои не поседувале возачка дозвола, две возила со истечена регистрација, пет возачи кои зборувале на мобилен телефон, двајца кои не користеле сигурносен појас и двајца кои извршиле неправилно престигнување. Под дејство на алкохол бил еден возач и тој бил отстранет од сообраќај. За сите прекршоци издадени се соодветни налози.

Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.

На 13.04.2021 во 14.40 часот на Граничен премин „Меѓународен аеродром Скопје“, полициски службеници го привеле Ф.Ч.(32) од Скопје, бидејќи по извршена проверка во службената евиденција било констатирано дека има мерка „апси“, издадена од СВР Скопје, Одделение за потраги и Основен суд Скопје. Лицето било предадено на полициски службеници од СВР Скопје за спроведување до Казнено-поправната установа „Затвор Идризово“.

ОВР Дебар  поднесе  кривична пријава против А.Ј.(23) од с.Праленик, општина Центар Жупа, поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „незаконит риболов“. На 02.04.2021 околу 22.00 часот, пријавениот е затекнат на брегот на Дебарското Eзеро со 15  рибарски мрежи и 18 парчиња уловена риба кои, заедно со еден  чамец и риболовен алат се одземени.

На 13.04.2021 во 15.40 часот  на железничко стојалиште „Црвени Брегови“, при обид на три лица-мигранти да се качат во товарен воз кој сообраќал на релација Гевгелија-Скопје, едно од нив кое било од Индија, паднало и се здобило со повреда. По незгодата лицето било пренесено во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на ОВР Неготино.

На 13.04.2021 околу 07.45 часот пријавено е дека во атар на општина Чашка, на место викано „Крштевица“, М.О.(70) од Велес, додека извршувал земјоделски работи во нива со трактор, се превртел и се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. Увид на местото извршила екипа на СВР Велес.

На 13.04.2021 СВР Штип спроведе засилена акциска контрола во областа на сообраќајот, при што се изречени 37 мерки, меѓу кои 28 за управување возила со брзина поголема од дозволената, 8 за управување возило без возачка дозвола и една за некористење сигурносен појас.

На 13.04.2021 околу 15.30 часот на регионалниот пат Маврови Анови-Дебар, во близина на манастирот „Св.Јован Бигорски“, се случила сообраќајна незгода помеѓу товарно возило влекач со приколка „ман“, со српски национални ознаки, управувано од Љ.Д.(53) од Република Србија и патничко возило„хјундаи акцент“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Ѓ.(68) од Скопје. На местото на незгодата починал А.Ѓ., а неговите сопатници М.Р.(26), Ј.Т.(30) и Г.Т.(34), сите од Скопје, биле пренесени со Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Увид на местото на незгодата извршиле увидна екипа на ОВР Гостивар и Јавен обвинител, а возачот на товарното возило бил приведен во Полициската станица Гостивар.

На 13.04.2021 во 13.30 часот на крстосницата од ул.„Филип Втори Македонски“ и ул.„Баталјон Стив Наумов“ во Битола, патничко возило „мерцедес“, со битолски регистарски ознаки, управувано од Е.Р.(25) од Битола, удрило во велосипедист А.К.(67) од Битола. Во незгодата, велосипедистот А.К. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Битола. Увид на местото на незгодата извршила екипа на СВР Битола.

На 13.04.2021 во 21.50 часот во Полициската станица Аеродром, Т.Ј.(23) од Скопје пријавила дека на подрачје на Аеродром била касната од куче скитник.

На 13.04.2021 во 14.30 часот на ул.„Сретко Крстески“ во Гостивар, патничко возило „бмв“, со гостиварски регистарски ознаки, управувано од В.С.(39) од Гостивар, удрило во пешакот З.С.(84) од Гостивар. Во незгодата, пешакот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“. Увид на местото на незгодата извршила екипа на СВР Тетово.

На 13.04.2021 во 12.05 часот во Полициската станица Гази Баба, С.П.(73) од Скопје пријавил дека на ул.„Лазар Поп Трајков“ бил каснат од куче, сопственост на Р.К. од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

By Admin