Седум лица загинаа во пожар што избувна во клучниот руски истражувачки институт за одбрана во Твер, северозападно од Москва, се вели во извештаите.
Локалните власти соопштија дека во пожарот се повредени 25 лица, пренесува агенцијата ТАСС. Се посочува дека најмалку десет лица се водат како исчезнати.
Првично бројот на загинати беше пет, а ТАСС наведе дека сега е зголемен на седум.
„Во моментов потврдуваме седум смртни случаи“, ТАСС го цитира својот извор. Се додава дека бројот на жртви може да се зголеми.
Пожарот избувнал во административната зграда на Централниот истражувачки институт на силите за воздушно-космичка одбрана, кој работи во рамките на руското Министерство за одбрана, пренесува Гардијан.
Огнот брзо ги зафатил трите горни ката, принудувајќи ги луѓето кои биле внатре да скокнат низ прозорецот. Пожарот предизвика уривање на покривот.
Фотографиите од главната зграда покажуваат дека е тешко оштетена во пожарот. На видеата од местото на настанот се гледа густ чад и пламен што излегува од прозорците на институтот.
По инцидентот следеа непотврдени извештаи за пожар во една од најголемите хемиски фабрики во Русија неколку часа подоцна.