Полубратот на кралот Јордан Абдула Втори Хамза се откажа од титулата принц, една година по кавгата поради која беше ставен во домашен притвор.
Во писмото на Твитер, принцот Хамза напиша дека се откажува од титулата бидејќи неговите вредности, како што наведе, „не се во согласност со пристапите, трендовите и современите методи на нашите институции“.
Кралот Абдула и Хамза се синови на кралот Хусеин, кој владееше со Јордан речиси половина век, до неговата смрт во 1999 година.
Сегашниот крал Абдула го назначи својот брат Хамза за престолонаследник кога го наследи својот татко, но тој му ја одзеде таа титула во 2004 година.
Принцот, кој сега се откажа од титулата, минатата година беше обвинет за вмешаност во заговор за дестабилизација на Јордан, сојузник на Западот, и беше ставен во домашен притвор во април 2021 година.
Тој потоа ги негираше обвинувањата, тврдејќи дека е казнет затоа што се спротивставил на службената корупција. Деталите за наводниот заговор никогаш не беа објавени.