На 30.03.2022 полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, по претходна меѓународна меѓуинституционална размена на информации, а во соработка со Одделот за специјални полициски операции – Специјална антитерористичка единица „Тигар“, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и СВР Штип и во координација со Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција пресекоа меѓународен транспорт на марихуана во количина од околу 150 килограми, од Република Косово преку територијата на Република Северна Македонија, со крајна дестинација – Република Турција.
Имено, во попладневните часови на 30.03.2022 на паркинг пред угостителски објект во Штип е забележано паркирано патничко возило „ауди А6“, со кумановски регистарски ознаки, а до возилото биле пријавените И.Д.(50), К.К.(39), двајцата од Подујево, Р.Косово и Б.Р.(34) од Куманово. И.Д. и К.К. се обиделе да избегаат, но биле фатени и сите тројца се лишени од слобода, соопшти портпаролот на МВР Сузана Прањиќ Талевска.
При извршен преглед на патничкото возило, биле пронајдени вкупно 92 полиетиленски пакувања со марихуана, спакувани дел во патни торби, дел во багажниот простор од возилото во делот за резервната гума и на задните седишта од возилото, а кај приведените лица се пронајдени и повеќе мобилни телефони, СИМ картички од мобилни оператори од Р.Косово и Р.С.Македонија и пари, кои се предадени на вештачење.
Денеска (31.03.2022) од страна на СВР Штип до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде поднесена кривична пријава против 4 лица (3 косовски и 1 наш државјанин), од кои тројцата се веќе приведени, а за едно лице, кое со товарно возило требало да ја преземе дрогата од Штип и да ја пренесе до Република Турција се преземаат мерки за негово пронаоѓање.