Собранието попладнево ја продолжува со расправата по Предлог-измените на законот за минимална плата со кои минималецот треба да се зголеми на 18.000 денари.
И на вториот ден од расправата, пратениците од парламентарното мнозинство и од опозицијата со спротиставени ставови.
За парламентарното мнозинство добро е тоа што се предлага зголемување на минималната плата со што ќе се подобри животниот стандард на околу 80.000 работници, а како позитивен чекор го оценуваат и менувањето на методологијата за усогласување на минималната плата. За опозицијата, пак, минималната плата од 18.000 денари е предвреме потрошена поради инфлацијата, а доколку не се земе предвид коефициентот на сложеност на работа, ќе има ситуации во кои вработени на различни работни позиции ќе земаат приближно иста плата.
Од Алијанса на Албанците најавија дека ќе дадат поддршка на законот за да им се помогне на оние работници кои земаат минималец, иако сметаат дека понуденото законско решение не е најдобро.
Предлог-законското решение уследи по договорот постигнат на 7 февруари на седница на Економско-социјалниот совет. Барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата како егзистенцијална потреба на работниците беше разгледано на неколку седници на Економско-социјалниот совет. Зголемувањето на минималната плата од сегашните 15.200 денари на 18.000 денари ќе биде потпомогнато од страна на државата која од Буџетот до крајот на годината ќе одвои 16 милиони евра за покривање на разликата во придонесите.
Извор: МИА