„Ни кажаа дека 16 февруари ќе биде ден на нападот. Ќе го направиме ден на единство“, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето обраќање до нацијата, по што 16 февруари беше прогласен за Ден на единството во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави вечерва дека слушнал дека Русија може да ја нападне Украина во среда – и дека тој ден ќе го прогласат за ден на национално единство.

Зеленски не откри од каде потекнуваат наводите, но неколку американски организации минатата недела објавија дека Вашингтон верува дека 16 февруари е датумот кога руските сили ќе бидат подготвени за акција доколку рускиот претседател Владимир Путин даде зелено светло за тоа, потсетува Ројтерс.

„Ни кажаа дека 16 февруари ќе биде ден на нападот. Ќе го направиме ден на единство“, рече Зеленски во видео пораката до нацијата.

„Тие се обидуваат да не заплашат со преименување на датумот за почеток на воената акција“, додаде тој.

Зеленски изјавил дека потпишал наредба за истакнување државни знамиња и носење жолти и сини знамиња тој ден, пишува Ројтерс.

Тој ги повика и сите државни функционери, политичари и бизнисмени кои ја напуштиле земјата да се вратат во рок од 24 часа бидејќи украинскиот народ им го доверил управувањето со државата, но и нејзината одбрана.

Потсетуваме дека Русија во последните недели акумулирала повеќе од 100.000 војници на границата со Украина, но ги негира тврдењата на Западот дека планира инвазија.

By Author