Аргентинските власти вечерва соопштија дека 12 лица починале, а 50 се префрлени во болница во предградието на Буенос Аирес поради конзумирање на кокаин кој содржи дополнителни токсични материи.
„Оние кои купиле дрога во последните 24 часа треба да ја фрлат“, рекоа властите, додавајќи дека се обидуваат да лоцираат од каде доаѓа продажбата за да ја отстранат дрогата од шверцот.
Полициски операции беа спроведени во населба северозападно од главниот град, каде беа уапсени десетина лица и каде беа запленети кеси со кокаин слични на оние што го предизвикаа труењето.
Предупредувањето за опасниот кокаин било издадено од три болници во кои некои пациенти починале или имале сериозни знаци на труење.
Локалното обвинителство соопшти дека „во моментов циркулира високо токсична супстанца што се продава под името кокаин“.
Властите додадоа дека нема „лош кокаин на кој му истекол рокот“, туку кокаинот се мешал со некои отровни материи со цел да се зголеми неговата тежина кога се продава.