Претседателот на Украина Владимир Зеленски денеска потпиша указ за зајакнување на одбранбените капацитети на земјата, со кој се предвидува зголемување на бројот на војници за 100.000 во следните три години, создавање дополнителни 20 бригади и зголемување на бројот на професионални војници.

Зборувајќи на отворањето на седницата на Врховната рада во вторник, Зеленски рече дека тој указ не го донел затоа што наскоро ќе има војна, туку затоа што во Украина ќе има мир, пренесува РИА Новости.

Зеленски посочи дека Украина мора да се потпре пред се на сопствените сили бидејќи, како што рече, никој освен самите Украинци нема да ја заштити.

„Нашата татковина, навистина, има многу пријатели и ние сме им благодарни, но пријателите имаат своја татковина, запомнете го ова. Така, никој освен нас нема да ја заштити земјата … нема да ја спаси и подигне … Мора да се потпреме на сами на себе“, истакна Зеленски.

Западот ја обвинува Русија дека подготвува инвазија на Украина, додека Москва ги негира тие тврдења.

By Author