Од денеска во ЕУ почнува да важи правилото дека дигиталните сертификати за вакцинација против Ковид се прифаќаат во рок од 270 дена од завршувањето на примарната вакцинација.

Кога станува збор за бустер дози, во моментов не постои ограничување на валидноста на адекватен сертификат во ЕУ, според Брисел.

Поточно, тоа значи дека при патување во земјите на ЕУ, но и во рамките на Унијата, сертификатите за вакцинација ќе се користат не постари од девет месеци од добивањето на целосната примарна вакцинација против Ковид, која во зависност од видот може да има една или две дози.

Земјите-членки може да применуваат различни правила на национално ниво кога користат дигитални сертификати за ковид на ЕУ, но се повикани да се усогласат со правилата на ЕУ.

Од денеска се применуваат нови правила за кодирање на сертификати, така што бустер дозата ќе биде евидентирана како 3/3 по примарната серија вакцинирање со две дози или 2/1 по вакцинацијата со единечна доза, односно по една доза и закрепнување од инфекција.

By Author