Една улица во центарот на Скопје ќе го носи името на неодамна починатиот фронтмен на групата „Парни ваљак“, Аки Рахимовски, најави скопската градоначалничка Данела Арсовска.
Таа на Фејсбук напиша дека вчера иницирала Град Скопје да донесе одлука една улица во централното градско подрачје да го носи името на Александар Аки Рахимовски. Како што изјави Арсовска, „легендарниот пејач на групата „Парни ваљак“ е погребан во алејата на великаните на гробиштата Мирогој во Загреб, а ковчегот бил покриен со македонското знаме“.
„На последната средба со Аки, во резиденцијата на претседателот на Хрватска минатата година, тој гордо не поздрави со македонски песни кои му беа омилени“, рече градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Рахимовски вчера беше испратен во вечниот дом со македонската народна песна „Зошто си ме мајко родила“, која му била една од омилените. Роден е во Ниш во 1955 година, но набрзо со семејството се преселил во Скопје, каде што израснал.
Тој е пејач на Парни Ваљак од основањето на тој загрепски рок бенд во 1975 година. Рахимовски ненадејно почина минатата сабота на 67-годишна возраст во Ново Место, Словенија, каде што живее последните неколку години.