Монпеље во пресрет на утрешниот меч пристигна во Скопје и ќе биде посилен за двајца ракометари.
Вардар утре игра уште еден натпревар на домашен терен во Лигата на шампионите, а гостин во Скопје овој пат ќе биде францускиот вице-првак Монпеље.
Оваа екипа имаше проблеми во Лигата на шампионите, запиша и еден голем пораз на гостувањето кај Алборг, но затоа веќе во следното коло го декласираше популарниот и силен Кил со 37 – 30, но вчера повторно загуби на гостински терен во домашното првенство од екипата на Сесон Рен.
Дали Монпеље е „домашна“ екипа или знае да игра и на гостински терен, особено кога ќе се запали “вулканот” Јане Сандански, ќе видиме утре, а во целава приказна битно е дека тие пристигнаа појачани за двајца ракометари, во нивните редови се врати капитенот Валентин Порт и исландскиот голгетер шутерот Олафур Гудмунсон кој се опоравија од повредите. Тие беа во составот и на вчерашниот меч со Сесон Рен.
Гудмундсон играше на натпреварите со Пик Сегед и Алборг, но го пропушти дуелот со Кил, додека пак Валентин Порт поради повреда на прстот е вон терен уште од финалето на Олимписките игри во Токио.