Германската полиција спроведе голема операција во Солинген, Дизелдорф и Дортмунд против фалсификатори на таканаречени пасоши за вакцинација.
За време на акцијата, во вторникот беа извршени претреси во 10 станови и продавници. Акцијата ја водеше централната институција за борба против организираниот криминал во државното обвинителство во Дизелдорф.
„Во тек е истрага против петмина осомничени поради сомневање за фалсификување на пасоши за вакцинација и нивна продажба“, објави портпаролот на таа институција, Јулиус Штерцел.
Според Билд, станува збор за луѓе блиски до познат турско-арапски криминален клан.
При претрес на становите и продавниците не биле пронајдени фалсификувани пасоши или документи за изработка на такви документи.
Сепак, полицијата заплени поголеми количини на дрога и 85.000 евра во готово.
Патем, во Германија, пасошот за вакцинација сега стана најбараната стока на црниот пазар.