Ужасен настан се случил на шпанскиот остров Мајорка.
Шпанската полиција уапси шест германски туристи за наводно силување на 18-годишна Германка на шпанскиот остров Мајорка, соопштија денеска официјални лица.
Полицијата соопшти дека наводното групно силување се случило во хотелска соба во популарното туристичко одморалиште Плаја де Палма вчера рано наутро, пренесе АП.
Петмина Германци биле уапсени за неколку часа, а шестиот, кој побегнал од местото, бил уапсен во текот на денот. Петмината приведени се туристи, на возраст меѓу 20 и 21 година.
Тие се во притвор и се очекува утре да дадат исказ пред судија. И девојката била на одмор.
Таа во полиција изјавила дека групното силување се случило вчера околу 03:40 часот.
Во средата вечерта, девојката заедно со група пријатели го посетила булеварот Плаја де Палма, популарно место за млади германски туристи во Мајорка.
Таму се сретнала со еден од приведените и откако пиле, отишла во неговата хотелска соба каде имало уште пет мажи кои пиеле.
Во изјавата во полиција оштетената рекла дека се обидела да излезе од собата, но момчињата ја спречиле во тоа. Потоа, наводно ја силувале неколку од нив.
Девојката успеала да побегне од собата и го алармирала рецепционерот, кој повикал полиција.
Петмината уапсени биле во хотелот кога пристигнала полицијата.
Групното силување се смета за сериозно кривично дело во Шпанија, кое се казнува со затворска казна до 15 години.