Стотици луѓе се собраа на плоштадот Конкорд во француската престолнина и покрај полициската забрана, а денеска избија немири во Марсеј, Лион, Тулуз, Стразбур, Ремс и Лил.
Францускиот министер за внатрешни работи Жерар Дарманен за телевизијата TF1 изјави дека 45.000 полицајци и жандарми вечерва ќе бидат распоредени низ целата земја.
Француската полиција се обидува да ги растера демонстрантите кои и покрај забраната се собраа вечерва на плоштадот Конкорд во Париз, а протестите и немирите по убиството на тинејџер продолжија и во другите градови низ земјата.
Демонстрантите и полицијата вечерва се судрија во Лил, кога полицијата одговори со солзавец на пиротехничките средства фрлени од демонстрантите со качулки.
Според ТВ БФМ, 33 лица се уапсени во Стразбур по инцидентите што се случиле во центарот на градот, а 36 лица се уапсени во Марсеј, додека двајца полицајци биле полесно повредени кога помали групи демонстранти фрлале со камења кон полицијата.
Полициска станица во Ремс беше запалена и ограбена во текот на ноќта во четвртокот, при што демонстрантите украдоа „национална полициска облека“, соопшти префектурата Марна.
Францускиот министер за внатрешни работи Жерар Дарманен кажа дека ќе бидат мобилизирани „специјализирани единици“, како што се елитните тактички единици на француската полиција RAID, Бригадата за истражување и интервенција (BRI) и Националната интервентна група на жандармеријата.
Дарманен рече дека владата „не ја исклучува хипотезата“ за можна вонредна состојба во земјата.
„Следните часови ќе бидат одлучувачки и знам дека можам да сметам на вашите беспрекорни напори“, им рече Дарманен на пожарникарите и полицајците кои се обидуваа да ги смират немирите.
Тој побара од локалните власти да го прекинат автобускиот и трамвајскиот сообраќај од 21:00 часот низ цела Франција.
Дарманен рече дека меѓу четвртокот и петокот биле уапсени 917 лица и дека просечната возраст на уапсените е 17 години.
Владата соопшти дека ќе бидат разгледани сите опции за запирање на немирите. Францускиот претседател Емануел Макрон „ги повика сите родители да бидат одговорни“ по третата ноќ на насилство, објави ТВ БФМ.
Поглаварите на главните религии во Франција упатија заеднички апел „за дијалог и мир“. „Ја споделуваме болката на семејството на Нахел и се молиме за нив, особено за неговата мајка“, и „го слушаме страдањето и гневот што се изразува“, но „едногласно потврдуваме дека насилството никогаш не е добар пат“, велат тие.
Во овие тешки времиња, членовите на Конференцијата на верските водачи во Франција (CRCF) повикуваат на „зачувување и зајакнување на неопходните врски и доверба меѓу населението и полицијата. Од 40.000 полицајци кои досега биле распоредени низ земјава, повеќе од 200 се повредени, а од друга страна, во текот на претходната ноќ беа уапсени 875 лица.
Ограбени се продавници, меѓу кои и „Епл“ во Стразбур, како и супермаркетите Касино. Во трговскиот центар Шателе Лезал во центарот на Париз, извршен е упад во продавницата на Најк, а искршени се излозите долж соседната трговска улица Ру де Риволи, соопшти полицијата. Тинејџерот со алжирско и мароканско потекло, кој беше убиен од полицаец бидејќи не го запрел автомобилот, ќе биде погребан утре.