Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека кривичната постапка против шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин ќе биде отфрлена.
Пригожин го прифати предлогот на Лукашенко
Евгениј Пригожин го прифати предлогот на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, да се запре движењето на вооружените лица на ПВК на Вагнер на територијата на Русија и да се преземат дополнителни чекори за деескалација, соопшти прес-службата на белорускиот лидер.
Пригожин: Го вртиме конвојот и се враќаме
Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, потврди дека ја сменил рутата на својот конвој и дека се враќа во својот воен камп.
– Сфаќајќи ја сета одговорност за фактот дека руската крв ќе се пролее на една од страните, ние го вртиме нашиот конвој и се враќаме во нашите кампови според планот – рече Пригожин во аудио порака објавена на неговиот канал Телеграм.
Борците на приватната војска на Вагнер го напуштија јужниот руски град Ростов на Дон и се упатија назад во своите теренски кампови, потврди синоќа регионалниот гувернер.
Улиците во центарот на јужниот руски град Ростов на Дон повторно се отворени за сообраќај, откако руската приватна воена организација Вагнер почна да ги повлекува борците кои ја презедоа контролата врз воените објекти во тој град, пренесе руски Интерфакс.
Како што претходно објави РИА Новости, шефот на „Вагнер“ Евгениј Пригожин заедно со своите борци го напуштил штабот на Јужниот воен округ во Ростов на Дон.
На видеото објавено од РИА Новости на Телеграм се гледа како Пригожин го напушта воениот штаб со теренско возило, пренесува Ројтерс.
Според ТАСС, сета тешка воена опрема, вклучително и тенкови, била извадена од штабот.
Претходно во саботата Пригожин објави дека неговите сили ја презеле контролата врз воените објекти во градовите Ростов на Дон и Воронеж и се упатиле кон Москва.
Тој потоа, по разговорот со белорускиот претседател Александар Лукашенко, објави дека им наредил на своите борци, кои во конвој напредуваат кон Москва, да се свртат и да се вратат во своите бази за да избегнат крвопролевање.
Кремљ: Кривичната постапка против Пригожин ќе биде укината
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека кривичната постапка против шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин ќе биде отфрлена.
Тој исто така рече дека Пригожин ќе замине во Белорусија. Песков, сепак, не прецизираше што ќе прави Пригожин во Белорусија.
Песков рече и дека сите борци Вагнер во иднина можат да потпишат договор со Министерството за одбрана на Русија.
Тој исто така рече дека членовите на Вагнер кои учествувале во неодамнешните настани нема да бидат кривично гонети.
Запрашан дали Путин сè уште има доверба во шефот на руското Министерство за одбрана, Песков рече дека нему е познато дека „нешто се променило“ во овој поглед, пренесе Спутник.
Песков рече и дека е постигната повисоката цел – да се избегне крвопролевање во внатрешен конфликт, поради што се започнати преговорите меѓу белорускиот претседател Александар Лукашенко и Пригожин.
Портпаролот на рускиот лидер додаде дека Русија му е благодарна на Лукашенко за неговите напори да го реши конфликтот со Вагнер.