Европската унија го одобри десеттиот пакет санкции против Русија, објавено е на официјалниот Твитер профил на шведското претседателство со Унијата.
Членките на ЕУ после три последователни дена успеаа да да постигнат договор за нови санкции против Русија. Извори наведуваат дека Италија барала олеснување на рестриктивните мерки за увоз на гума, што наиде на критики од Полска.
Полските дипломати тврдат дека исклучоците се толку големи што санкциите се неефикасни.
„Заедно, земјите-членки на ЕУ ги воведоа најсилните и најдалекусежни санкции досега за да и помогнат на Украина да победи во војната“, објави шведското претседателство со ЕУ на Твитер.
Во соопштението се наведува дека ЕУ е обединета со Украина и со украинскиот народ.
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина, се додека е потребно.
Пакетот вклучува построги ограничувања за извозот на стоки со двојна употреба, како и мерки против субјектите кои поддржуваат војна, шират пропаганда или испорачуваат беспилотни летала што ги користи Русија.