На 14 февруари, според новиот календар, или први февруари, според стариот, кој се уште е во официјална употреба во Македонската православна црква, верниците го празнуваат светиот маченик Трифун.
Истиот ден, верниците од католичка вероисповед, како незадолжителен празник, го слават Денот на Свети Валентин, но и многу други луѓе во разни земји низ светот.
Свети Трифун се смета за заштитник на полските посеви останува запомнет како чувар на лозјето и гостилниците, но истовремено и на брачната љубов и верност. Затоа винарите го слават како свој патрон и на неговиот ден одат на лозјата, ги закројуваат лозите и ги залеваат со вино, за да му ја вратат малаксаната снага на лозјето, по долгото зимско мртвило и за бујно да напредува во пролетта што наидува.
Свети Трифун живеел во третиот век, а е роден во Кампсада, Фригија. Неговите родители биле побожни и својата побожност ја пренеле на синот.
Се занимавал со земјоделство и чување гуски, но бидејќи бил посветен на верата Христова, Бог го обдарил со дар на чудотворство, па со молитви исцелувал многу болни од разни болести.
Неговото име уште од рана возраст било поврзано со исцелителска моќ. Според легендата, ќерката на тогашниот император Гордијан, била душевно болна и ниту еден лекар во Царството не успеал да и помогне. Царот случајно ќе дознае за момче со име Трифун за кое надалеку се зборувало дека помогнало на голем број луѓе. Не знаејќи точно за кој Трифун станува збор, ќе им нареди на своите слуги сите машки во државата кои го носат тоа име да бидат доведени во царскиот дворец. Стотици луѓе пробале да и помогнат на царската ќерка, а кога на ред дошол „вистинскиот“ Трифун, со само еден допир ја излечил девојката.
После хуманото дело, и покрај понудата на царот да остане во неговата палата, тој ќе се врати на стариот беден живот и ќе остане во трошната куќарка се додека на власт не доаѓа новиот цар Дакиј, остар противник на христијанството, кој откако дознал за големата моќ на Трифун, веднаш наредил да биде заробен. Во затворот му било понудено да соработува со новиот цар и да се откаже од христијанството и Исус, но откако арогантно одбил, му било закажано сечење на главата на градскиот плоштад.
На патот до таму, Трифун се молел на Бога тој да му ја одземе душата наместо непријателите. И така и се случило, кога пристигнале на плоштадот, маченикот веќе бил мртов.
Починал на 14 февруари 250 година, на само 18 години. Според мислењето на нашите луѓе, тој штити од разни несреќи и штети. Како што се пренесува, на својот празник Св.Трифун забодува факел во земјата и така го топи снегот. Исто така, се верува и дека ако на тој ден врне дожд, сливата ќе има добар род. На самиот ден, наутро од црквата се зема света вода, а потоа луѓето со истата вода ги прскаат своите лозја за да бидат заштитени од секакви несреќи. Се закројуваат неколку лозанки , па дури отпосле започнува празнувањето. Во средновековието се верувало дека токму на тој ден започнува пролетта, се буди љубовта и страста меѓу луѓето.