Представници на курдската заедница во Франција денеска се собраа во центарот на Париз на протести на кои бараат одговори во врска со убиството на тројца Курди во француската престолнина, кое, како што велат, ја разоткри ранливоста на курдската заедница.

Во петокот, вооружен напаѓач изврши убиства во Курдскиот културен центар и во блиското кафуле во прометна област на 10-тиот арондисман на Париз, пренесува Ројтерс.

Полицијата потоа го уапсила 69-годишниот осомничен напаѓач, за кој властите велат дека неодамна бил ослободен од притвор во очекување на судење за напад со сабја во бегалски центар во Париз пред една година.

Откако повеќе од десетина членови на курдската заедница се судрија со полицијата во петокот попладне, Курдскиот демократски совет во Франција (ЦДК-Ф) преку социјалните мрежи и неговата веб-страница повика на собир денеска во 12:00 часот на Плоштадот на Републиката. традиционално место за собирање демонстранти во Париз.

Неколку стотици луѓе се собраа на плоштадот, а многумина се појавија носејќи знамиња.

Парискиот обвинител Лор Бексио во петокот изјави дека можниот мотив за нападот е расизам, но курдските претставници инсистираа дека станува збор за терористички напад.

– Знаеме дека сме загрозени. Курдите воопшто, курдските активисти и милитанти. Франција има обврска да не заштити – изјави за телевизијата БФМ Бериван Фират, портпарол на ЦДК-Ф.

Вчерашните убиства во Париз предизвикаа страв кај курдската заедница која се подготвуваше да ја одбележи 10-годишнината од убиството на три Курдќини во Париз.

– Курдската заедница е во страв, а веќе беше истрауматизирана од тројното убиство во 2013 година. Ни требаат одговори, поддршка и внимание – изјави Давид Андиќ, адвокат кој го застапува ЦДК-Ф.

By Author