Легендарниот југословенски и српскии фудбалер Синиша Михајловиќ, не успеа да победи во најважната животна битка, почина во римска клиника на 53-годишна возраст.

Српскиот тренер и поранешен фудбалер Синиша Михајловиќ почина на 53-годишна возраст во Рим, јавуваат италијанските медиуми.

– Не напушти Синиша Михајловиќ. Тој почина во римска клиника на 53-годишна возраст – пишува Corriere.

Тој на јавноста соопшти дека боледува од леукемија на 13 јули 2019 година.

Тажната вест ја соопшти неговото семејство, кое објави емотивно соопштение за медиумите: „Неговата сопруга Аријана, заедно со нивните деца и семејството, со жалење ја објавуваат неправедната и прераната смрт на нивниот сопруг, татко, примерен син и брат Синиша Михајловиќ. Извонреден професионалец, достапен и добар според сите, храбро се бореше со страшна болест. Им благодариме на лекарите и медицинските сестри кои го следеа со години, со љубов и почит“, напишаа и додадоа:

„Синиша секогаш ќе остане со нас, ние живееме со сета љубов што ни ја даде“, се наведува во соопштението.

Михајловиќ е роден во Вуковар во 1969 година. Фудбалската кариера ја започнал во ФК Борово каде по пионерите и јуниорите настапувал и во првиот тим од 1986 до 1988 година кога заминал во ФК Војводина од Нови Сад со кој го освоил првенството, второто во историјата на тој клуб. Недолго потоа се пресели во белградска Црвена звезда, за тогашни неверојатни милион германски марки. Се истакна по прецизниот и пред се силен удар со левата нога.

Со Звезда го достигнува „светскиот врв“ – триумфира во Бари и Токио. Во 1992 година се пресели во италијанска Рома каде мина две години, по што се пресели во Сампдорија каде ја смени вообичаената позиција во тимот – од средниот ред премина во одбраната, на позицијата стопер.

Во 1998 година добил повик од тренерот Свен-Горан Ериксон од Лацио и тој се вратил во Рим. Тој одигра одлично и стана најдобриот изведувач на слободни удари во италијанската фудбалска лига на сите времиња. Ќе останат запаметени и три гола постигнати од слободен удар на еден натпревар. По 6 сезони, на врвот на кариерата, се преселил во Интер, каде ја завршил својата играчка кариера.

Помеѓу 1991 и 2003 година одигра 63 натпревари за репрезентацијата на Југославија и за репрезентацијата на Србија и Црна Гора и постигна 10 гола.

Тренерската кариера ја започна во 2006 година во милански Интер како помошник тренер, потоа самостојно беше тренер на Болоња, Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан, Торино, Спортинг од Лисабон и српската репрезентација. Последен ангажман му беше во Болоња, во вториот мандат, а клупата ја напушти во септември.

By Author