Претресите се извршени по барање на истражен судија.
Француската полиција вчера за првпат упадна во седиштето на партијата Преродба на претседателот Емануел Макрон.
Така, истрагата за можни нерегуларности во финансирањето на кампањата на Емануел Макрон за претседателските избори во 2017 и 2022 година влезе во нова фаза.
Претрес е извршен и во просториите на здружението за финансирање на политичка обука, како и во седиштето на американската консултантска компанија Мекензи, кои веќе беа истражувани лани во мај, соопшти денеска француското финансиско обвинителство (ПНФ).
Ниту претседателот Макрон, ниту неговиот предизборен тим не беа јавно идентификувани како субјекти од интерес на обвинителството.
Како што објави „Либерасион“, пак, од партијата „Преродба“ соопштија дека претресот бил извршен „само во просториите на тимот на претседателската кампања, но не и во главните партиски канцеларии“.
Нормално е обвинителството слободно и независно да истражува за да го расветли ова прашање“, изјави партискиот портпарол Лоик Сињор.
Претресите беа извршени на барање на истражен судија вклучен во две судски истраги отворени на крајот на октомври поради наводно „некоординирано управување со сметките на кампањата на Макрон, намалување на некои сметководствени елементи во сметката на кампањата и фаворизирање на одредени фирми даватели на услуги “.
Искористувањето на јавните средства во корист на некои компании предизвика жестоки контроверзии, но особено реагираше опозицијата и повика на истрага за евентуалното фаворизирање на американската консултантска компанија Мекензи.
Министерот за економија на Франција, Бруно Ле Мер, на крајот на ноември препознал „злоупотреби“ во владата за користење на услугите на таа американска консултантска компанија, наведува „Либерасион“. Неодамна објавениот извештај на францускиот Сенат наведува дека Мекензи не плаќал корпоративни даноци во Франција помеѓу 2011 и 2020 година.