Два авиони се судрија во воздух за време на аеромитинг на аеродромот во Далас во САД. Најмалку две лица загинааво несреќата што се случи во саботата.
Според официјалните лица, не се знае точно колку луѓе имало во двата авиони, а други медиуми наведуваат дека во сударот можеби загинале дури шест лица.
Здружението на сојузничките пилоти објави дека меѓу загинатите се и двајца поранешни членови на здружението, Тери Баркер и Лен Рут.
Федералната управа за авијација соопшти дека летечката тврдина Боинг Б-17 и Бел П-63 Кингкобра се судриле околу 13:10 часот по локално време во саботата.
Снимките објавени на Твитер покажуваат како авионите се судираат во воздух, а потоа се уриваат, проследено со голем пожар и облак црн чад што се издигнува на небото.
Федералната управа за авијација соопшти дека ќе започне истрага за несреќата, која се случи за време на тридневниот собир посветен на сеќавањето на ветераните и жртвите од Втората светска војна.
Градоначалникот на Далас Ерик Џонсон рече дека ова е ужасна трагедија.