Денеска е 257 ден од војната во Украина.

Украинците од Херсон: Русите се подготвуваат за улични борби
Украинските сили велат дека очекуваат жестоки борби пред да се обидат да ги потиснат руските окупаторски трупи од јужниот град Херсон. Иако Русија сигнализираше дека нејзините сили може да се повлечат од регионот, локалното население не е убедено.

„Веројатно тоа е трик. Русите се облекуваат како цивили и се кријат по куќи. Телеграмските пораки од селата во регионот Херсон пишуваат за „орки“ (руски војници) кои окупираат приватни имоти“, изјави Аљона Лапчук за „Гардијан“.

Зеленски: Доњецк е епицентарот на најголемото лудило на окупаторите
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во своето ноќно видео обраќање, интензивните борби во регионот на Доњецк ги нарече „епицентар на најголемото лудило на окупаторите“.

„Тие умираат по стотици, секој ден. Тлото на фронтот пред украинските сили е буквално покриено со телата на окупаторите“, рече Зеленски.

Советникот на Бајден потврди: САД се во контакт со Кремљ
Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на Белата куќа, учествуваше во доверливи разговори со високи руски претставници и потврди дека „каналите за комуникација со Руската Федерација на највисоко ниво“ остануваат отворени меѓу Вашингтон и Москва. Говорејќи на настанот во Економскиот клуб во Њујорк во понеделникот, Саливан рече дека е „во интерес на САД и секоја земја погодена од војната во Украина да одржува контакт со Кремљ“.

Зеленски ги претстави условите за преговори
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е отворен за разговори со Русија, но само за „вистински“ кои ќе го вратат територијалниот интегритет на Украина, ќе му обезбедат воени репарации на Киев и ќе ги казнат одговорните за воените злосторства извршени за време на конфликтот.

Неговите изјави синоќа дојдоа откако Вашингтон пост изминатиот викенд објави дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден го охрабрува украинското раководство да сигнализира отвореност за разговори.

МАПА Распоред на силите на југот на Украина
Руски извори објавија дека украинските трупи се собираат во правец на регионот Херсон, според Институтот за проучување на војната (ISW) со нова карта која што ја прикажува моменталната распределба на силите на југот и на истокот на земјата.

Украина го гранатираше ДНР 36 пати
Во текот на изминатиот ден, украинските војници ја гранатираа територијата на ДНР 36 пати, истрелаа вкупно 151 граната и ракета, соопшти претставништвото на ДНР во Заедничкиот центар за контрола и координација на прашањата поврзани со воените злосторства на Украина.
Шефот на регионалната воена управа на Днепропетровск, Валентин Резниченко изјави дека Никопол во Дњепропетровската област бил гранатиран во текот на ноќта, пренесе Укринформ. Како што наведе, оштетени се високи станбени згради, болница, училишта, автомобили и гасовод. Резниченко истакна дека во текот на ноќта се слушале сирени, но дека немало гранатирање во други делови од областа.

Целите се Доњецк, Михајловка, Горловка, Јасиновата, Јаковљевка, Каштаново, Минераљно и Макејевка.

Ослободени 30 Украинци заробени на Змискиот остров
Уште 30 украински граѓани кои беа заробени на Змискиот остров се ослободени од руско заробеништво, соопшти Дмитро Лубинец, комесар за човекови права на украинскиот парламент.

Властите продолжуваат да работат на ослободување на преостанатите војници од заробеништво, додаде Лубинец во објава на Фејсбук.

Русите кои избегаа од мобилизацијата се враќаат дома, а сега ги чека нов проблем
Многу мажи кои ја напуштија Русија во страв дека ќе бидат мобилизирани и испратени на фронтот во Украина, се враќаат дома откако рускиот претседател Владимир Путин објави крај на хаотичната регрутација во земјата.

По брзањето да ја напуштат земјата, што исто така беше поттикнато од гласините за затворање на границите, многумина се соочија со суровата реалност на обидот да врзат крај со крај во непознат град.

„Јас и брат ми се обидовме да најдеме работа во Казахстан – барем фиктивно за да добиеме дозвола за престој – но ништо не беше изводливо“, рече Павел (21) од Москва, кој се врати во Русија по три недели во Казахстан.

By Author