Две еколошки активистки се залепија за столбовите држејќи скелет од диносаурус во Природонаучниот музеј во Берлин денеска во знак на протест против, како што велат, неуспехот на германската влада адекватно да се бори против заканата од климатските промени.
Активистите користеле суперлепак за да се залепат за столбовите кои го држат скелетот на голем четириножен диносаурус кој живеел пред десетици милиони години.
– За разлика од диносаурусите, нашата судбина е во наши раце. Дали сакаме да изумреме како диносаурусите или сакаме да преживееме? – праша една од активистките Карис Конел (34).
Друга активистка, Солвеиг Шинкоте (42), рече дека како мајка на четири деца се плаши од последиците од климатските промени. „Овој мирен отпор е средството што го избравме да ги заштитиме нашите деца од смртоносното незнаење на владата“, рече таа.
Музејот се уште не се изјаснил за овој протест, пренесува АП.
Активистите се дел од групата „Востание на последната генерација“, која одржа серија протести во последните месеци за да го нагласи ризикот од климатските промени, а за време на еден од нив фрлаа пире на сликата на Клод Моне „Стогови сено“ во Музејот Барберини во Потсдам, Германија.