Инспекторите соопштија дека загинатите се на возраст меѓу 14 и 19 години, а возачот (16), кој преживеа, се соочува со обвиненија
Кобната несреќа во која загинаа четворица тинејџери во Бафало е поврзана со популарниот „Kia Challenge“ на TikTok.
Полицијата во Бафало соопшти дека шест лица се наоѓале во украдениот Kia Sportage кој се урна непосредно пред 7 часот наутро во понеделникот наутро.
Три од четирите жртви починале на лице место, додека четвртата подоцна починала во болница. Инспекторите соопштија дека загинатите биле на возраст меѓу 14 и 19 години.
Уште една девојка (14) е хоспитализирана по судирот, пренесува Independent.
– Ова е страшно утро за семејствата, нивните пријатели, нашите полицајци, истражители и противпожарната служба кои беа на терен. Ова е ужасен исход за таквите мали деца кои го имаа целиот живот пред себе – изјави началникот на полицијата Џозеф Грамаглија.
Возачот на „киата“, 16-годишен тинејџер, е идентификуван, а по укажаната помош во болница е приведен.
Против него е поднесена кривична пријава за неовластено користење возило и за кривично дело поседување украден имот. Тој ќе се појави на суд на 15 ноември.
Шефот на полицијата рече дека истражителите веруваат дека Kia е украдена во неделата вечер и е поврзана со предизвикот на TikTok за кражба на возила.
Трендот на платформата им покажува на луѓето како да ги поврзуваат и крадат моделите на Kia направени во последната деценија без клуч, користејќи само USB-кабел.
Трендот стана популарен под хаштагот #KiaBoyz, а забележан е и голем пораст на кражбите на Kia како и возилата на Hyundai.
Според полицијата, кражбите на возилата на Хјундаи се зголемени за 153 отсто во Портланд, додека кражбите на возилата на Киа скокнале за 269 отсто.
Во меѓувреме, началникот на полицијата во Лос Анџелес, Мајкл Мур, рече дека кражбата на возила во градот скокнала за 85 отсто и дека виновен е предизвикот на TikTok. Според него, од почетокот на предизвикот се украдени повеќе од 1.600 автомобили Киа и Хјундаи.