Македонски пошти веќе втор ден штрајкуваат поради каснење на платите.
Барајќи си ги септемвриските плати, вработените во Македонски Пошти втор ден штрајкуваат пред сите подружници на компанијата низ целата земја. Платите им доцнат 5 дена, а велат 2.200 семејства се во исчекување на овие средства. Доколку парите не ги добијат до вторник, ќе излезат на протест пред Владата.
Дали нивното барање ќе се изреализира до вторник е неизвесно, со оглед на тоа што ставот на менаџментот е дека септемвриските платите ќе ги добијат до крајот на овој месец. По вчерашната седница на управниот одбор се донело одлука и вработените во законски рок да ги добиваат платите, но нејасно е од кога ќе започне да се спроведува оваа одлука, со оглед на тоа што рокот е веќе прегазен.
Од ССМ пак со предлог како да го спасат акционерското друштво кое со години трпи загуби. Ќе бараат од премиерот да им наложи на сите министерства да ги користат услугите на Македонски пошти, за да може компанијата да ги надмине долговите, а вработените да не треба да стравуваат за работните места.
Акционерското друштво Македонски Пошти спаѓа во најголемите државни загубари, која трпи повеќе расходи отколку приходи во својата каса. Иако повеќепати се најавуваше приватизација на ова претпријатие, сепак остана во рацете на државата.