Властите во Хонг Конг денеска соопштија дека „нема правна основа“ за спроведување санкции од Западот, одговарајќи на критиките од американскиот Стејт департмент дека минатата недела дозволиле луксузната јахта на рускиот олигарх Алексеј Мордашов да се закотви во водите на градот.
Американскиот Стејт департмент објави дека употребата на Хонг Конг од страна на поединци кои избегнуваат санкции може да носи ризици за угледот и да ја доведе во прашање транспарентноста на деловното опкружување на финансискиот центар, пренесува Ројтерс.
Највисокиот функционер на кинескиот Специјален административен регион Хонг Конг, Џон Ли, кој и самиот е под санкции на САД поради неговата улога во задушувањето на протестите во градот, рече дека никогаш нема да дејствува по едностраните санкции наметнати на Мордашов од западните земји.
– Не можеме да направиме ништо што нема правна основа – им рече Ли на новинарите.
Ли најави дека Хонг Конг ќе ги почитува само санкциите на Обединетите нации.
– Ќе се придржуваме до санкциите на Обединетите нации, тоа е наш систем, тоа е наше владеење на правото – нагласи лидерот на Хонг Конг.
Мордашов, милијардер близок до рускиот претседател Владимир Путин, е меѓу големиот број руски олигарси санкционирани од Европската унија и САД, но не и од Обединетите нации, по рускиот напад врз Украина, наведува Ројтерс.