АМЕРИКАНСКИОТ економист Џефри Сакс изјави дека САД можеби стојат зад саботажата на гасоводот Северен тек, наведувајќи дека неколку новинари рекле дека веруваат дека тоа е диверзија во режија на Вашингтон, но дека не им било дозволено да пишуваат за тоа.
– Се обложувам дека експлозијата е акција на САД, можеби САД и Полска. Тоа е она што се шпекулира – изјави Сакс, директор на Центарот за одржлив развој на Универзитетот Колумбија, во понеделникот во гостувањето на ТВ Блумберг, пишува лондонски Дејли Меил.
Сеизмолозите во Данска и Шведска пред една недела објавија дека регистрирале две силни експлозии во близина на истекување на гасоводот Северен тек 1 и 2, при што експлозиите се случиле во вода, а не под морското дно.
Шокиран од изјавата на Сакс, Том Кин, водителот на ТВ Блумберг, го прекина соговорникот со зборовите: “Џеф, мора да застанеме тука. Зошто мислиш дека тоа беше акција на САД? Какви докази имаш за тоа?”, додава британскиот весник. Сакс одговори дека гледа неколку причини за тоа.
– Прво, има директни радарски докази дека американски воени хеликоптери, кои вообичаено се наоѓаат во Гдањск, кружеле над таа област. Исто така, имавме закани од САД претходно оваа година дека ќе го запреме Северниот тек „на овој или оној начин“ – рече тој.
Како дополнителен аргумент, тој ја наведе „важна изјава“ на американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатиот петок на прес-конференција каде што рече дека „ова е исто така огромна можност (за САД)“.
– Чудно е што зборувате така ако ве загрижува пиратеријата на меѓународната инфраструктура од витално значење – оцени Сакс.
Дејли мејл потсетува дека на 7 февруари, американскиот претседател Џо Бајден, на заедничката прес-конференција во Белата куќа со новиот германски канцелар Олаф Шолц, изјави дека САД ќе „стават крај“ на гасоводот Северен тек 2 доколку Русија ја нападне Украина.
– Ако Русија изврши инвазија – тоа значи дека нејзините тенкови или војници ја преминат границата на Украина – тогаш повеќе нема да има Северен тек 2. Ќе ставиме крај – изјави тогаш Бајден.