Мала Богородица или Рождество на Пресвета Богородица е црковен празник со кој се слави раѓањето на Богородица.
Овој празник е еден од најголемите црковни празници. Раѓањето на Богородица не било ни случајно ни обично, затоа што идната мајка на Спасителот Исус Христос требало да се роди од родители свети, чисти и праведни. Тие, исто така, требало да бидат од двете еврејски лози од Давидовата и Ароновата. Богородица е родена во Назарет од стари и праведни родители Јоаким и Ана. Според нејзиниот татко и неговите предци, таа била од царската лоза на Давид, а според нејзината мајка и нејзините предци, таа била од првосвештеничката лоза. Како старица, Ана по Божји благослов ја родила ќерката Марија. Овој ден се слави како Мала Богородица или Мала Дева Марија.
Иако овој празник се смета за почеток на сите празници, сепак, тој почнал да се празнува многу подоцна. Дури откако ослабнало паганството, христијаните, покрај на Исус Христос, можеле да ѝ оддадат заслужено признание и на неговата мајка.
Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.
Секоја година се слави на 21 септември.