Силен земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди западниот брег на Мексико, брегот на Ла Пласита де Морелос во западно Мексико соопшти Американскиот геолошки институт (USGS).
Поради земјотресот беше издадено и предупредување за цунами.
УСГС наведува дека епицентарот на земјотресот е регистриран на длабочина од 15 километри во мексиканската држава Мичоакан.
Градоначалничката на Мексико Сити, Клаудија Шајнбаум изјави дека засега нема извештаи за материјална штета во главниот град.
Мексико во минатото беше погодено од два земјотреси на денешен ден.
Имено, на истиот датум, 19 септември, пред пет и 37 години, Мексико го погодија разорни земјотреси.
Во разорниот земјотрес на 19 септември 1985 година животот го загубија 10 илјади луѓе.
350 луѓе загинаа во земјотресот со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мексико на денешен ден во 2017 година. Епицентарот бил на 49 километри југозападно од градот Пуебло де Сарагоса и осум километри од населбата Теоеохума, потсетува Ројтерс.
Мексико тогаш го погоди разорен земјотрес со јачина од 8,1 степени според Рихтеровата скала, а како што тогаш објавија медиумите, тоа е најсилниот земјотрес во последните 100 години.
Пријавени се сериозни штети во јужниот дел на Мексико и западна Гватемала.
На социјалните мрежи се појавија снимки од целосно срушени згради на повеќе места, а целиот комплекс градски згради во Јукатан е целосно срамнет со земја.
21 дете во училиште загина во силниот земјотрес што погоди неколку мексикански држави на 32-годишнината од разорниот земјотрес во 1985 година.
Патем, земјотресот се случи само неколку часа откако жителите учествуваа во вежба за земјотрес, што обично го прават на 19 септември, ден пред земјотресот во 1985 година што го погоди Мексико.
Историјата се повтори и вечерашниот земјотрес го погоди Мексико на годишнината од двата споменати земјотреси – разорниот земјотрес во 1985 година во кој загинаа 10.000 луѓе токму во главниот град и оној во 2017 година.