Денеска е 192. ден од војната во Украина.
Размена на затвореници меѓу Русија и Украина
„Некста“ пренесува дека вчера се случила размена на заробеници меѓу Русија и Украина.
Оваа информација ја соопшти Координативниот штаб за третман на воени заробеници во регионот на Доњецк.
Во рамките на оваа размена, дури 14 украински бранители се вратија од заробеништво.
„Соборени пет руски крстосувачки ракети“
Во реонот на Днепропетровск беа соборени пет крстосувачки проектили. Според украинската страна, руските војници имале намера да го таргетираат Днепар со овие ракети.
Сименс: Северниот тек не беше затворен поради истекување масло претходно
Европската унија силно се сомнева во причините наведени од руската страна за одлуката ниту утре да не се испраќа гас во Европа преку гасоводот Северен тек 1.
Сега, Сименс енерџи, германската компанија која помага во одржувањето на Северен тек, изјави за Ројтерс дека истекувањето на масло обично не ги запира операциите на нафтоводот.
Шефот на прес-службата на Европската комисија, Ерик Мамер, изјави дека Гаспром ја прекина испораката на гас преку Северен тек под лажни изговори за да изврши притисок врз Европа.
Неуспешен обид за десант на украинските сили во областа околу Енергодар
Претставникот на управата на областа Запорожје, Владимир Рогов изјави дека утринава бил спречен обид за истоварување на украинските сили во областа околу Енергодар.
Како што наведоа, станува збор за планирани провокации од украинска страна со цел да се заплаши мисијата на Меѓународната агенција за атомска енергија и да се обвини Русија дека не е способна да ја обезбеди безбедноста на нуклеарната централа.
Отвори оган на руско село
Утрово од територијата на Украина беше отворен оган врз руското село Кистер, во областа Погар, оштетена е инфраструктурата и нема повредени, соопшти гувернерот на Брјанската област Александар Богомаз.
Тој изјави дека се оштетени далноводи и патишта, пренесува РИА Новости.
Итните служби се на терен.
Регионот Брјанск се наоѓа на запад од Русија, долж границата со Украина.
Русија тврди дека украинските сили извршуваат напади врз пограничните области од руската страна на границата од почетокот на конфликтот на 24 февруари.