Денеска е Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица). Именден празнуваат: Марија, Мара, Марена, Марица, Марјан, Маријана…
Празникот Успение на Пресвета Богородица се слави на петнаесетиот ден од месец август (28 според новиот календар). Нему му претходи двонеделен Богородичен, или Преображенски пост. Овој празник го слави успението, воскресението и прославувањето на Пресвета Богородица, и нејзиното преселување во Царството Божјо во полнотата на нејзиното духовно и телесно постоење.
Со свечена литургија, молитва и свеќа за здравје и бериќет, православните христијани го одбележуваат големиот празник Успение на Пресвета Богородица, попознат кај народот како Голема Богородица.
Според христијанската традиција, на овој празник се принесуваат дарови за здравје пред големата икона, а се зема и светена вода. Богородица била почитувана не само од христијаните туку и од муслиманите и кон неа сите упатувале молитви за исцелување, здравје и бериќет.
Празникот народски попознат како Голема Богородица е денот кога Мајката Божја низ смртта преминала во вечен живот. Богородица е единствена жена во историјата на човештвото која го добила епитетот пресвета. Се смета за заштитничка на бремените жени, на децата и на семејството.
Народот верува дека Богородица е заштитничка и на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови.