Џузепе Каво Драгоне ( 65), началник на италијанскиот Врховен одбранбен штаб, за Република – По неодамнешниот„излет“ на руски воени бродови во Јадранското Море, медитеранските земји ќе мора да се навикнат на руските воени бродови во Средоземното Море и нивната конкуренција со морнариците на членките на Северноатлантскиот пакт, вели адмиралот.

Руски воени бродови пловеа долж италијанското крајбрежје до Анкона.

Драгоне вели дека штом руските воени бродови влегле во Јадранското Море, адмиралот Аурелио Де Каролис ги мобилизирал најблиските единици.

Фрегатата Бергамини го следела рускиот разурнувач „Адмирал Трибутс“, а фрегатата „Марјела“ крстосувачот „Варјаг“. Постојано над нив летале поморски авиони П72, па пристигнала и фрегатата „Либеќо“.

Според Драгоне, постсоветска Русија чувала само еден воен брод во Средоземното Море до 2015 година.

– Потоа со значителни инвестиции го реновираа сириското пристаниште Тартус, во кое од 2017 година добија концесија на половина век, претворајќи го во важна база. Минатата година имаше десет единици во Медитеранот. Тие се движеа јужно од Кипар, каде што има наоѓалишта на нафта и гас и секако каде се одржуваа вежби на НАТО. Сега, со оглед на украинската криза, имаат моќен состав, со дури дваесет бродови – вели адмиралот.

Тој истакнува дека Путин на 31 јули „потпишал документ во кој Медитеранот го нарекува стратешка област“.

Драгон има искуство од Студената војна и тврди дека сега ситуацијата е понапната.

– На Медитеранот има постојана конкуренција. Старата идеја за мир исчезна. Се преминува од натпревар во криза, која се заканува да прерасне во конфликт – вели тој.

Адмиралот потсети дека во април две руски подморници се приближиле до флотата на НАТО во Јонското Море, но италијанските фрегати ги забележале уште од првиот ден.

Тој нагласува дека никогаш немало несреќи и негира дека Русите го блокирале Отранто.

– Комерцијалниот сообраќај во ниту еден момент не беше загрозен.

За руските потези во Јадранот, тој вели дека тоа е „прилично рутинска активност“.

– Русите патролираа, „испитуваа“ составот на американската флота и оценуваа како таа реагира. Таму беше шпионскиот брод „Василиј Татишчев“, одговорен за анализа на радарските фреквенции. Ги следевме и ги проучувавме нивните потези. Тоа се ситуации кога не е јасно кој кого демне.

Извор: Новости

By Author