Седумгодишно момче и неговата постара сестра се убиени за време на огномет по повод францускиот национален празник Денот на Бастилја во западниот град Шоле.
– Ракетата експлодира меѓу толпата луѓе – изјави градоначалникот Жил Бурдуле.
Тој опиша како жртвите биле со другите членови на семејството на 50 метри од местото каде што бил пукан огнометот. Експлозијата ги запалија тревните површини и ги натера гледачите да избегаат во паника.
Момчето починало на лице место, а неговата 24-годишна сестра починала подоцна од срцев удар. Повредени се уште седум. Нивните родители претрпеле шок, додека маж опишан како близок до сестрата се здобил со тешки изгореници.
Локалните обвинители покренаа истрага за убиство од небрежност, јави Би-Би-Си.
Шоле го одржа својот прв огномет на Денот на Бастилја по три години поради пандемијата на корона вирусот. Експлозијата се случила синоќа нешто по 23:00 часот на фудбалскиот терен недалеку од платформата за лансирање на огномет.
– Започна како навистина убав огномет. Потоа наеднаш една ракета дојде кон нас и експлодира во толпата, предизвикувајќи голема штета. Сите станаа и врескаа и почнаа да го гаснат пламенот со нозете или со она што го имавме во раце – изјави очевидец за BFMTV.
Обвинителот Ерик Бујар за весникот „Паризиен“ изјави дека, според првите истраги, дошло до дефект во еден блок на огнометот, што предизвикало експлозија која ѓи активирала други ракети.