Пожари на отворено денеска се шират во Португалија, Шпанија, Франција, Грција и Хрватска, изгореа некои домови, во моментот кога Европа ја зафати топлотен бран, пренесува Ројтерс.

Во централниот регион Леирија во Португалија, пожарникарите се борат да го локализираат пожарот поттикнат од силните ветрови.

– Среда беше многу тежок ден. Апсолутно е клучно да избегнуваме вакви ситуации бидејќи тие водат до исцрпеност на пожарникарите и на сите што се борат против пожарите, на сите што се обидуваат да ја контролираат ситуацијата – изјави португалскиот премиер Антонио Коста, пренесе Ројтерс.

Во соседна Шпанија пожар го зафати западниот регион Екстремадура и се прошири во провинцијата Саламанка, поради што 49 деца беа евакуирани од летните кампови.

Локалните власти соопштија дека изгореле повеќе од 4.000 хектари земја.

Во Хрватска, пожарникарите се бореа со шумски пожар со поддршка од авиони, а војската беше повикана да помогне да се спречи ширењето на пожарот околу Задар и Шибеник.

Во југозападниот дел на Франција, околу 1.000 пожарникари, потпомогнати од шест авиони, се борат со два пожари на отворено.

– Пожарите се уште не се под контрола – соопштија локалните власти на Жиронд, каде се евакуирани околу 500 жители.

Уште еден пожар гори покрај брегот на Атлантскиот Океан во близина на дината Пилат, најголемата песочна дина во Европа, па 6.000 луѓе се евакуирани од околните кампови во средата, а 60 утрово.

Проблеми со пожари има и во Грција, но пожарот на островот Самос во Егејското Море, според локалните власти, утринава бил ставен под контрола.

Од попладнево проблем со пожар имаат и во областа Превеза, 400 километри северно од Атина, како и на островите Евија и Кефалонија, додека пожарот на Лезбос е делумно под контрола.

By Author