Турција состави листа од 10 барања кои наводно ќе ги побара од Шведска и Финска пред да го одобри нивното членство во НАТО, пишува денеска провладиниот турски весник Сабах.
Турција денеска официјално го блокираше влезот на Финска и Шведска во НАТО алијансата, велат извори на Фајненшл тајмс од дипломатски кругови. Од најавата на премиерите на овие две земји дека ќе аплицираат за членство, турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган е најгласниот противник, а има неколку причини зошто „султанот“ не ги сака нордиските земји во Северноатлантската алијанса. .
Списокот ги повикува двете земји да ја прекинат секоја финансиска поддршка на групите поврзани со Работничката партија на Курдистан и борците на сириските Курди, кои Анкара ги смета за огранок на забранетата група.
Има и барања овие земји да ги прекинат контактите со членовите на групата сириски Курди.
Турција дополнително сака двете земји да ја „забрзаат“ процедурата за екстрадиција на осомничените кои Турција ги бара под обвинение за тероризам.
Списокот, исто така, бара Шведска да ја ограничи кампањата „дезинформации против Турција“ предводена од следбениците на муслиманскиот свештеник Фетула Ѓулен, за кого Анкара тврди дека стои зад обидот за пуч во 2016 година.
Многу следбеници на движењето Ѓулен побегнаа во Шведска.