Израелската војска соопшти дека нападнала цели на Хамас во јужен Либан и ги засилила нападите во Појасот Газа, по ракетните напади врз Израел од либанска територија во четвртокот.
„Израелската армија нема да дозволи терористичката организација Хамас да врши операции од Либан, а државата Либан ја сметаме за одговорна за секој напад што доаѓа од нејзина територија“, соопшти израелската армија, пренесе Ројтерс.
Во соопштението се вели дека метите вклучуваат „терористички“ тунели во областите Беит Ханун и Кан Јунис.
– Нападнати се две локации за производство на оружје што го користи терористичката организација Хамас на север и во центарот на Појасот Газа. Нападот беше извршен како одговор на потезите на Хамас во последните денови. Хамас сноси одговорност за тоа што се случи и ќе ја плати цената – се додава во соопштението на израелските одбранбени сили.
Нападот на Либан се случи еден ден откако милитантите од јужен Либан и Газа истрелаа ракети врз Израел.
Според АП, воздушните напади се случиле во време кога највисоките израелски безбедносни функционери се состанувале за да разговараат за одговор на гранатирањето на земјата.
Американската новинска агенција потсетува дека инцидентот во ерусалимскиот комплекс џамии Ал Акса претходно оваа недела, кога израелската полиција упадна во џамијата и ги претепа Палестинците кои беа таму, доведе до обновување на ракетен истрел од правец на Газа, бидејќи во четвртокот околу 30 ракети беа истрелани од Газа и Либан во Израел.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети „агресивен одговор“ на гранатирањето.
„Ќе ги удриме непријателите и тие ќе ја платат цената за секој чин на агресија“, рече Нетанјаху.