Јапонија нема да го покани рускиот претседател Владимир Путин на државниот погреб на поранешниот премиер Шинзо Абе, кој ќе се одржи на 27 септември, објави весникот „Мајничи“, повикувајќи се на владини извори.
Одлуката е донесена, меѓу другото, и поради фактот што Јапонија, како дел од санкциите поради војната во Украина, забранила влез на највисоките функционери на Русија во земјата, пишува весникот, пренесува Тас.
За време на неговиот мандат како премиер, Абе разви многу пријателски односи со Путин и двајцата се сретнаа 27 пати.
Јапонската влада одлучи да одржи државен погреб на Абе, кој беше убиен на 8 јули, на 27 септември.
Церемонијата на која ќе присуствуваат голем број шефови на држави и влади ќе се одржи во Токио, во Салата за боречки вештини, која се наоѓа во близина на Царската палата.