Германија има намера да „помогне“ со 5.000 шлемови за војниците, а градоначалникот на Киев Виталиј Кличко прашува „како Германија дополнително ќе го поддржи украинскиот народ – со “перници“.
Кличко, изрази незадоволство поради однесувањето на Берлин.
„Немам зборови за однесувањето на германската влада“, изјави тој за весникот „Билд“, додавајќи: „Министерот за одбрана очигледно не разбрал дека имаме работа со добро опремена руска армија, која може да започне инвазија на Украина во секое време. 5.000 шлемови се шега. Како Германија ќе продолжи да не поддржува? Можеби перници “.
Министерката за одбрана на Германија Кристине Ламбрехт по седницата на Комисијата за одбрана на Бундестагот изјави дека тоа е јасен сигнал и порака: „Ние сме со вас“.
Таа го поздрави продолжувањето на разговорите за решавање на украинскиот конфликт.
Работиме на мирен начин да го решиме овој конфликт во средината на Европа, рече Ламбрехт, пренесува Танјуг.
Украина во повеќе наврати бараше помош со оружје од европските земји, вклучително и Германија, за да се одбрани од евентуален напад на Русија, но таа помош беше одбиена од официјален Берлин.
Украинската влада на 19 јануари испратила писмо до германското Министерство за одбрана за помош со опремата и меѓу другото ја навела потребата од шлемови и заштитни елеци.