Премиерката на Шкотска, Никола Старџен, најави дека на 19 октомври 2023 година ќе се одржи нов референдум за независност на Шкотска.
Старџен во шкотскиот парламент изјави дека наскоро ќе биде усвоен законот за референдумот, со кој тој ќе биде закажан во октомври следната година. Референдумот ќе го постави истото прашање како во 2014 година „Дали Шкотска треба да биде независна држава“.
Говорот на Старџен во шкотскиот парламент беше проследен со одобрување и аплауз, според Sky News.
„Сега е време за независност. Сега е време да се дебатира и да се одреди иднината на нашата земја. Независноста би ѝ овозможила на Шкотска да си го избере својот пат“, рече Старџенова, пренесува „Телеграф“.
Таа објасни дека референдумот за независност ќе биде консултативен, а неговиот успех нема автоматски да доведе до одвојување од Велика Британија, туку мора да биде потврден од британскиот парламент.
Старџен рече дека е подготвена да преговара со британскиот премиер Борис Џонсон за тоа, но дека нема да дозволи „шкотската демократија да биде затвореник на Борис Џонсон или на кој било премиер“.