Шведска екстрадираше во Турција маж осуден во неговата земја за членство во Курдистанската работничка партија (ПКК), која Анкара ја смета за терористичка организација, објави во саботата новинската агенција Анадолу. Овој потег доаѓа во време на обидите на Стокхолм да одговори на загриженоста на Турција во врска со апликацијата на Шведска за НАТО.
Мажот, идентификуван како Махмут Тат, во петокот беше пренесен од притворниот центар во Молндал на западниот брег на Шведска во најголемиот турски град Истанбул, соопшти агенцијата.
Тата беше осуден од турскиот суд на шест години и десет месеци затвор, откако беше уапсен под обвинение дека е член на Унијата на курдските заедници, кровна група која обединува неколку курдски организации, вклучително и ПКК. Меѓутоа, тој успеал да побегне од Турција и се обидел да добие азил во Шведска во 2015 година. Неговото барање било одбиено, но тој останал во оваа нордиска земја. Шведската полиција наводно го уапсила на крајот на ноември.
Минатиот месец, шведскиот парламент гласаше за измена на уставот на земјата, што ќе му овозможи на Стокхолм да ги зајакне антитерористичките закони, вклучително и ограничување на слободата на здружување на групи вклучени во тероризам.
До развојот на случувањата дојде во време кога Стокхолм се обидуваше да ги исполни условите на Турција за влез на Шведска во НАТО. Претходно, Анкара ги обвини Шведска и соседна Финска дека засолнуваат курдски „терористи“ и се закани дека ќе ги блокира нивните обиди да се приклучат на воената алијанса предводена од САД.
Двете нации поднесоа барање да станат членки на блокот во мај, наведувајќи ја загриженоста за воената операција на Русија во Украина.
Шведска, Финска и Турција во јуни потпишаа договор со кој требаше да се стави крај на ќор-сокакот. Сепак, Анкара набргу потоа рече дека не е задоволна од тоа како Стокхолм и Хелсинки го исполнуваат својот дел од договорот, особено во врска со екстрадицијата на осомничените Курди што ѓи бараат турските власти.
Во писмото што Стокхолм го испратил до Анкара на крајот на октомври, а кое го виделе Ројтерс, се наведува дека од 2019 година се извршени четири екстрадиции на турски државјани од Шведска, а последната се случила во август минатата година – пренесе РТ.