Канадскиот премиер Џастин Трудо презеде чекор без преседан, најавувајќи замрзнување на личните банкарски сметки на демонстрантите кои се противат на епидемиските мерки поврзани со Ковид-19.

Трудо се повика на Законот за вонредни ситуации, наведувајќи дека опсегот на овие мерки ќе биде „временски ограничен“, „разумен и пропорционален“ и дека армијата нема да биде распоредена, јавува Би-Би-Си.

Според новите мерки, банките ќе можат да ги замрзнат личните сметки на сите вклучени во протестите, без потреба од судски налог.

„Ова е за заштита на Канаѓаните и заштита на работните места на луѓето“, рече Трудо на вчерашната прес-конференција.

Вицепремиерката Кристи Фриленд рече дека банките ќе можат да ги замрзнат личните сметки на сите вклучени во протестите без потреба од судски налог, а исто така најави дека овластувањата на законот за „финансирање тероризам“ ќе бидат проширени за да ги опфатат криптовалутите и групното финансирање платформи краудфандинг.

„Се работи за следење пари“, рече таа, откако хакерите објавија детали за 93.000 донации за камионџии на платформата за собирање средства „GiveSendGo“ во вкупна вредност од 8,4 милиони долари.

Во главниот град на Канада се уште има стотици демонстранти.

Канадската полиција вчера по еднонеделна блокада ги отстрани преостанатите демонстранти од мостот „Амбасадор“ во канадскиот град Виндзор, кој е клучен граничен премин и главна рута за трговија меѓу Канада и САД.

Овие протести најпрво започнаа како „востание“ на камионџиите против новото правило дека мора да се вакцинираат за да ја поминат американско-канадската граница, за брзо да се претворат во широки демонстрации против ограничувањата за Ковид.

By Author