Војник на украинската национална гарда денеска од засега непознати причини пукал во припадници на обезбедувањето во воена фабрика во Днепар, при што уби пет лица, а рани уште пет лица, соопшти денеска украинската полиција.
Инцидентот се случил рано утринава во ракетната фабрика „Пивденмаш“ при предавање на оружјето на стражарите, се наведува во соопштението, пренесува Ројтерс.
Напаѓачот отворил оган од калашников, а по инцидентот побегнал.
За инцидентот е одговорен војник на Националната гарда на Украина, а медиумите јавуваат дека станува збор за 20-годишен регрут.
„Пет лица загинаа, а пет други се ранети“, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи. Полицијата трага по избеган војник.
Напаѓачот е во бегство и последен пат бил забележан во близина на Ракетниот и вселенски колеџ. Носел маскирна униформа, а под неа сокрил АК47. Националната полиција и Националната гарда се во состојба на готовност по инцидентот, пренесува Интерфакс.
Местото на пукањето е запечатено, а цивилите се оддалечуваат од местото на настанот.
Полицијата трага по избеган војник.